Шкендија и Пандевци на незгодни гостувања, Тиквеш по бодови во Автокоманда

Откако Македонија ЃП ја доби скопската пресметка со Работнички вчера со 1-0, под притисок ги стави конкурентите Шкендија и Академија Пандев денеска да мора да победат на незгодните гостувања во Штип односно Тетово, во жешката битка за местата во Европа во која секој бод до крајот ќе биде важен.

Шкендија полека ќе му ја предаде круната на Шкупи, па за тетовци останува да се избегне дебакл во сезоната и да се избори место во Европа за кое до последно коло веројатно ќе се води битка, а денеска црвено-црните доаѓаат во Штип кај незгодната Брегалница која е далеку од очекувањата со едвај две победи пролетва и тоа против двата најслаби тимови на табелата.

Кога Шкендија последен пат гостуваше во Штип, се одигра спектакл со шест гола и по еден бод за двата тима, но овојпат тетовци ќе мора да победат за барем да ја вратат предноста од два бода пред Македонија ЃП, која е следен противник на сѐ уште актуелниот македонски првак и можеби тој меч да биде еден од решавачките во оваа пеколна трка за Конференциската лига.

Академија Пандев, која има идентично бодовно салдо како и Шкендија, моментно со бод помалку од „лавовите“ доаѓа во Тетово, кај секогаш тврдата и незгодна Ренова, а струмичани имаат добра серија од две победи и реми на последните три меѓусебни пресметки, меѓу нив и триумф под Шара со 2-1 во ноември лани, во тековниов шампионат.

Како и за Шкендија, така и за Академија Пандев овој меч е исто така важен за да се излезе пред „лавовите“, кои патем имаат и втор пат кон Европа преку Купот.

Колото завршува со „дербито на екипите за бараж“ помеѓу Скопје и Тиквеш на Автокоманда, меч кој „пиратите“ повторно може да ги врати во трка за спас, иако би имале претешка задача да надополнат уште седум бода во однос на Струга Трим Лум, но за кавадарчани мечот е многу побитен од аспект да одолеат на последниот обид на Борец во трката да се избегне сигурно испаѓање.

Борец вчера ја победи Струга Трим Лум со 2-0, па дојде на минус шест од Борец со надеж дека до крајот може да го избегнат претпоследното место, па затоа Тиквеш ќе се обиде денеска со првата сезонска гостинска победа да го одбие тој напад и практично да ја реши разврската на дното на табелата.

ПРВА ЛИГА, 28. КОЛО

ДЕНЕСКА

Брегалница – Шкендија

Скопје – Тиквеш

Ренова – Академија Пандев

ВЧЕРА

Борец – Струга 2-0 (0-0)

Ѓорѓевиќ 64, Ѓорѓиев 77 п.

Македонија ЃП – Работнички 1-0 (1-0)

Емини 11

Пелистер – Шкупи 0-1 (0-0)

Имери 65

ТАБЕЛА: Шкупи 68, Македонија ЃП 53, Шкендија 52, А. Пандев 52, Ренова 38, Брегалница 38, Работнички 37, Струга 36, Скопје 26, Тиквеш 24, Борец 18, Пелистер 10