Сејдини чека поддршка од делегатите за да се кандидира за претседател на ФФМ!

Вршителот на должноста претседател на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), Муамед Сејдини во изјава за Алсат ТВ вели би се впуштил во трката за претседател на ФФМ само ако тоа го побараат делегатите на Собранието на најбогатата спортска федерација.

Сејдини беше потпретседател во ФФМ додека владееше Илчо Ѓорѓиоски, но по оставката на досегашниот прв човек на македонскиот фудбал, тој ја презема раководната функција во периодот во кој треба да се избере нов претседател на ФФМ.

Во неделата во Охрид, Собранието на ФФМ со кое претседателствуваше токму Сејдини направи низа формални промени во статутот и сега се очекува да се закаже изборно Собрание, а во меѓувреме заинтересираните треба да достават кандидатури за најпосакуваната функција во македонскиот фудбал.

Сејдини во изјава за телевизијата „Алсат“ вели дека не решил дефинитивно дали ќе се кандидира за претседател, но потенцира дека ако добие согласност од делегатите тој е подготвен да се кандидира за прв човек на ФФМ.

Од поодамна фудбалските кулоари шпекулираат дека Сејдини има желба да ја преземе раководната палка во ФФМ, а како доказ за неговото лобирање во битката за тронот биле договорите кои ги потпиша за реконструкција и изградба на трибини на стадионите во Охрид и во Чаир со помош на УЕФА.

Сејдини заедно со генералниот секретар на ФФМ, Филип Поповски во моментов се во Катар на Самит на ФИФА.