Ренова и Македонија ЃП по бодови за Европа, ама и за опстанок, (пре)тешки задачи за Беласица и Победа!

Четирите кандидати за последното условно место во Европа, Шкупи, Работнички, Ренова и Македонија Ѓорче Петров, кои се во само четири бода разлика денеска како домаќини имаат шанса да ја продолжат таа пеколна битка во вонредното 30-то коло во Првата лига, во кое Беласица и Силекс се надеваат на бодови за опстанокот.

Кога веќе е извесна трката за титула, а Шкендија има 12 бода предност пред Вардар, кој пак им бега 15 бодови на ривалите за директните европски места, жестоката битка за четвртата позиција е во преден план во завршницата од сезоната, но и таа битка за опстанок во која Победа со една нога е во Втората лига и практично само теотретски може да се спасат прилепчани.

Работнички и Шкупи со по 39 бода се превводниците на таа група за последното европско место, а денеска дебармаалци имаат најлесна задача зашто го дочекуваат фенерџијата, за разлика од чаирчани кои имаат пресметка со третопласираната Академија Пандев. Во ситуација кога на „романтичарите“ им гори под нозе за излез на меѓународна сцена, Победа има двојно потешка задача за да почне да победува за евентуално да се врати во трката за опстанокот. Прилепчани заостануваат 11 бода зад Силекс и местото кое носи бараж за опстанок, а без оглед што имаат меч помалку (со Академија Пандев ќе го играат на 1 мај), Победа нема ни квалитет за да влезе во таква серија на победи за да се спаси.

За разлика од нив, Беласица е на минус четири од кратовци, но денеска го дочекуваат шампионот Шкендија, која во изминатите три пресметки им даде вкупно девет гола на струмичани. За Беласица е најважно да освои бодови и да чека помош од Ренова за да ја намали предноста на Силекс, сооглед дека „гипсарите“ им се домаќини на кратовци во оваа рунда. Мечот под Шара може да биде еден од поинтересните, зашто и Ренова не е сигурна за опстанокот и е на само пет бода пред Силекс.

Истото важи и за Македонија ЃП, која го пречекува Вардар на својот стадион и бод(овите) како и на „гипсарите“ им се важни не само за да останат во трката за Европа, која може да ја бркаат и преку Купот, туку и за да избегаат во битката за баражот и опстанокот и да не ја пролонгираат својата сезона со дополнителен меч.

До крајот на сезоната после ова 30-то коло остануваат уште шест, но како и во претходното, освен евентуално веќе извесното испаѓање на Победа, раврската за Европа и опстанокот допрва ќе се решаваат.

ПРВА ЛИГА, 30. КОЛО (16 ЧАСОТ)

СТРУМИЦА: Беласица – Шкендија

ЃОРЧЕ ПЕТРОВ: Македонија ЃП – Вардар

ЧАИР: Шкупи – Академија Пандев

ТЕТОВО: Ренова – Силекс

СКОПЈЕ: Работнички – Победа

ТАБЕЛА: Шкендија 66 бода, Вардар 54, А. Пандев 47 (-1), Шкупи 39, Работнички 39, Ренова 36, Македонија ЃП 35, Силекс 31, Беласица 27, Победа 20 (-1)