„Панчев до Велес нема отидено за Вардар, а вели го сакал клубот...“

Многу врева крена интервјуто на Дарко Панчев за Спорт1, во кое спортскиот директор на Вардар пред јавноста излезе со став дека управата му се меша во изборот на засилувањата и дека не сите новодојдени играчи се негови решенија.

На оваа негова изјава остро реагираше поранешниот капитен на Вардар, Бобан Грнчаров, кој по четири минати години во клубот и освоени три титули, годинава реши да се пензионира од активното играње фудбал.

„Изјавата на спортскиот директор му е чисто алиби. Затоа што не е способен да донесе играчи. Ако тој одлучува, а нема дозвола, значи дека или не му веруваат или досега имал многу грешки. Нека си даде оставка тогаш“, вели Грнчаров.

Поранешниот стопер на црвено-црните вели дека кога во клубот засилувањата доаѓале по препорака на газдата Сергеј Самсоненко и извршниот директор Самоил Симев, Вардар бил шампион со 15 бодови предност и направил историски резултат пласирајќи се во групите од Лигата на Европа.

„Дојде Панчев, почна тој да ја крои трансфер политиката, да носи ‘свои’ играчи и ете го резултатот. Вардар заврши на второто место, рекордни 35 бода зад Шкендија“, вели популарниот Грне.

„Ретко кој да беше промашено засилување порано. Бевме јас, Шиле (Дејан Блажевски н.з.), Глигоров, Ерменците Хамбарџумјан и Барсегјан, Фелипе, Гачевски и многу други што нѐ донесоа и што речиси и да немаше утка. Тие играчи освоија три титули, играа во Лига на Европа, тимот имаше резултат. Со изјавата што ја даде Панчев, тој само ги навредува претходниците, а тоа не е коректно, зашто Самсоненко и Симев од 15 играчи – ‘погодуваа’ 13, додава Грнчаров.

Дарко Панчев е во Вардар повеќе од една година, а фудбалерите кои си заминаа од екипата често знаеја во неофицијални разговори да реагираат дека немаат комуникација со него.

„Како очекувате Панчев да носи добри засилувања кога тој не ги гледа во живо фудбалерите. Тој на тренинг кај нас не доаѓаше, на натпреварите идеше по 20 минути. Во тренинг кампот нема ‘припарено’. Не добивме ниту една честитка од него за победа или пак за пласман во Лига на Европа. Не дојде со нас на ниту едно гостување. До Велес нема отидено за Вардар, а вели го сакал клубот. Секоја чест за неговата фудбалска кариера, ама за ова останатото - не го бива. Ова му е третпат да се врати во клубот како функционер и третпат го уназадува Вардар “, вели Грнчаров.

Тој објаснува и дека причината за заминувањето и лошите резултати на Чедомир Јаневски е токму во спортскиот директор.

„Кого и да донел Панчев, не успеа во клубот. Го донесе Чеде за тренер, се скараа зашто му се мешаше во составот. Сега Бабунски му е другар, па ајде него го постави за тренер. Не оди тоа така“, заврши поранешниот капитен на црвено-црните.