Како владее Сејдини - во ОФС Свети Николе има само скопјани! (ФОТО)

Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) си закажа Изборно Собрание за 14 март во Скопје, откако недемократските изборни општински Собранија минаа глатко и по мерка на актуелниот претседател Муамед Сејдини, кој доби поддршка од ОФС-ата уште пред официјално да се кандидира.

Дека целиот изборен процес е само комплетна фарса, за која голем дел од клубовите јавно се побунија во незаконскиот избор, барајќи тие да решаваат за фудбалот според актуелниот Закон за спорт кој не е усогласен со Статутот на ФФМ, најдобро отсликува како функционира(ше) ОФС Свети Николе.

Во овој општински сојуз, главните луѓе - од претседателот, па сѐ до делегатите кои (ќе) го бираат претседателот на ФФМ, сите до еден барем досега, биле – скопјани.

На списокот немаше ниту еден локален фудбалски функционер, ама затоа од овој општински сојуз имаше член во Управниот одбор на ФФМ и тоа во името на Дејан Димовски, кој истовремено (беше), е и претседател на ова ОФС.

Три други членови, кои беа делегати на Собранието на ФФМ, а се претставници од ова ОФС се Горан Михајловски, Златко Чурбиновски и Синиша Стојчевски - исто како и претседателот, скопјани.

Ова значи дека ОФС Свети Николе се раководи од Скопје, што не треба да чуди, зашто пред две години АМС и ја одзема дозволата за дејност спорт на оваа општинска фудбалска организација.

ОФС Свети Николе пред две години беше избришано од регистарот на Агенцијата за млади и спорт, откако инспекцискиот надзор констатирал низа неправилности, зашто овој сојуз нема организиран систем на натпреварување, а овој општински сојуз беше во низата на кои на 27 јули 2019 година им беше одземено решението за дејност спорт поради низа неправилности, а меѓу нив беа и ОФС Штип, ОФС Кратово, ОФС Демир Хисар, ОФС Македонски Брод, ОФС Липково.

Македонскиот фудбал е организиран преку 26 општински сојузи, од кои од поодамна, најмалку десетина се посочени како спорни, кои постојат само за делегатите, луѓе што на изборните Собранија треба да гласаат за старо-нов претседател и потоа да добијат најразлични привилегии.

Агенцијата за млади и спорт (АМС) пред повеќе од еден месец тргна во „војна“ со ФФМ со цел да се смени структурата на Собранието и клубовите да добијат мнозинство, а директорот Наумче Мојсоски неодамна посочи дека „ОФС-ата имаат поголема моќ и од најголемите клубови во земјава“.