И Наполи го „мерка“ Станковски, Работнички за талентот бара – еден милион евра!

Турски Фенербахче тргнал во атак да го донесе новиот талент на Работнички, Лука Станковски, кој есеноска имаше извонредни настапи со седум гола и две асистенции на 15 меча, но освен турскиот клуб и загрепски Динамо, наводно и италијански Наполи сака да го земе новиот бисер од Дебар Маало, откако за Елиф Елмас плати 16 милиони евра ланското лето за да го донесе од Истанбул.

 

Турските медиуми објавија дека Фенербахче веќе е во преговори со Работнички и дека од Истанбул веќе испратиле понуда од пола милион евра, но дебармаалци им возвратиле со отворено побарување – еден милион евра за талентот. Фенер сега наводно се обидува да ја спушти цената, па дури и процент од следна продажба да вгради во евентуален договор, но од Турција доаѓаат најави дека и Наполи го мерка Станковски, но засега нема ништо конкретно од Италија освен интерес за младиот фудбалер од средниот ред.

Како што се потенцира, Работнички не отстапува од цената која ја поставил за својот фудбалер, да добие еден милион евра, а летоска „романтичарите“ го продадоа Давид Тошевски во руски Ростов за 900.000 евра, што беше македонски трансфер рекорд, кој многу брзо може да го урнат ако некој од многуте заинтересирани клубови ги прифати нивните барања.

Станковски е македонски репрезентативец до 19 години, роден е 2002 година и е син на поранешниот македонски репрезентативец и сега спортски директор на Работнички, Горан Станковски – Гама.