И Фелипе удри по судиите: Срамота, мафија... (ФОТО)

Бразилската ѕвезда на најтрофејниот македонски клуб Вардар, Хуан Фелипе не можеше да ја преболи кражбата на денешното дерби во Тетово, на кое судиите не видоа чист погодок за црвено-црните, па македонската гордост загуби со 0-1 од Шкендија и сега е на осум бода негатива во трката за титулата.

Фелипе зимава се врати во Вардар, по речиси една година, откако си замина од екипата, која доминираше во македонскиот фудбал и испиша историја со настапот во групната фаза во Лига Европа. Бразилецот денеска „дебитираше“ во вториот мандат во црвено-црниот дрес и не можеше да го скрие разочарувањето од случувањата на теренот.

„Срамота! Мафија!“, удри Фелипе по судиите, откако Вардар го доживеа првиот пролетен пораз.

Вардар загуби со 0-1 со гол на Омер Имери, но мечот го одбележаа судиите на чело со Димитар Мечкаровски, кои не видоа чист гол по бомбата на Филип Најдовски пред крајот на полувремето. Најдовски постигна еврогол, откако топката од пречката се одби зад гол-линијата најмалку за половина метар, но очигледно тоа не беше доволно за да се признае голот.

Ова е вторпат сезонава Вардар да биде ограбен од судиите, откако во Маџари во октомври лани во есенскиот дел, Шкендија до победа дојде со „фантомски гол“.