ФФМ ќе купи три амбулантни возила за Градската болница во Скопје

Целиот свет се соочува со големиот предизвик наречен коронавирус, кој зарази повеќе од 380.000 луѓе и го одзема животот на повеќе 16.000, а тој не ја избегна ниту Македонија во која веќе има жртви од вирусот, а и бројка од 148 заразени. Поради тоа Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) е првата спортска организација, која реши да направи хуманитарен потег во ова тешко време.

ФФМ објави дека ќе набави три нови амбулантни возила, кои ќе бидат потоа подарени на Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ (старата Градска болница).

Претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини заедно со директорот на Клиниката за хируршки болести, д-р Љубен Арсенков и економскиот директор на Клиниката, Нермин Шакири го потпишаа договорот за отстапување за трите амбулантни возила, кои сигурно ќе бидат од голема помош.

„Ова време ги потсети сите колку е важен животот на луѓето. Ние како институција имаме одговорност да помогнеме со надеж дека ќе придонесеме во намалување на последиците од вирусот. Во ова време, ФФМ, но и сите останати треба да покажат одговорност и солидарност. Фудбалот е моќна сила и мора да го покажеме најдоброто лце. Нашата општествена одговорност досега многу пати беше потврдена и ги повикувам сите останати институции да помогнат каде што можат. Исто така, ги повикуваме сите да ги следат препораките. Бидете силни, заедно ќе победиме и во овој важен натпревар“, кажа Сејдини.

По потпишаниот договор се заблагодари и д-р Арсенков, кој напомена дека сите треба да го следат примерот со цел да се поддржат луѓето и здравствените работници во тешката ситуација.