ФФМ ќе им подели пола милион евра на клубовите, ќе се офајди и Вардар! (ФОТО)

Секој македонски прволигаш ќе добие по 48.000 евра за младинските категории од Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), пари што се дел од солидарниот фонд и шема на распределба од УЕФА за учеството на клубовите во европските клупски натпреварувања за сезоната 2020/21.

ФФМ за учеството во ланските европски натпреварувања во корона-кризата од УЕФА, врз база на настапите на клубовите, доби 460.733 евра и плус уште дополнителни 124.043 евра, па солидарниот фонд за развој на младинскиот фудбал е вкупно 584.776 евра, пари кои треба ФФМ откако ќе легнат на сметката да им ги распредели на клубовите.

Управниот одбор на ФФМ на вчерашниот состанок донел одлука за рамномерно распределување на парите од солидарната шема за клубовите кои учествуваа во минатата прволигашка сезона, 2020/21, што значи дека од парите за младинските категории ќе се офајди и најтрофејниот клуб Вардар, кој испадна и сезонава се натпреварува во Втората лига – Запад, како и струмичката гордост Беласица, која испадна во Втора лига – Исток.

„УО на ФФМ донесе одлука средствата од солидарната шема за развој на младински фудбал од сезона 2020/2021 во УЕФА Лига на шампиони да бидат распоредени подеднакво на клубовите учесници во Прва МФЛ во сезоната 2020/2021“, објави ФФМ.

Многу полемики во минатото имаше од фудбалската опозиција кон раководството на ФФМ за овие пари од солидарниот фонд, со обвинувања дека на клубовите не им се исплаќаат финансиските средства, туку „се покрива“ со опрема.

Солидарниот фонд за развој на младинскиот фудбал зависи од успесите и настапите на клубовите во евросезоната, што значи колку поголеми успеси, толку поголем колач од вкупните 107 милиони евра што се делат по националните федерации, а тие се должни потоа да ги распределат по клубовите.

За последната евросезона од летоска, клубовите ќе добијат пари од солидарниот фонд идната зима.