ФФМ без срам ја турка Шкендија кон нова шампионска титула! (ВИДЕО)

Наместо македонскиот фудбал да го следи чекорот со европските стандарди, веќе очигледно е дека домашниот шампионат се враќа во мрачните години од првата деценија по независноста, кога разврската за шампионскиот престол се решаваше меѓу фотелјашите во куќата на фудбалот. Веќе избледнеа сеќавањата од „диктатурата“ на Љубисав Иванов – Ѕинго и доминацијата на неговиот миленик Силекс, па форсирањето на прилепска Победа... После повеќе од деценија ипол, во кујната на ФФМ очигледно се решени по секоја цена Шкендија да биде – најдобра.

Залудни се очигледно сите силни трошења на пари за судиската организација, за семинари, за подобрување на арбитражата, кои на годишно ниво се бројат од неколку стотици илјади евра, кога судењето во прволигашката конкуренција очигледно, е повеќе од ужасно. Ако речиси секој клуб есеноска се жалеше на судењето, а во трка за круната се случуваат два скандалозни моменти, за кои никој досега не го плати цехот, не е ни чудо што јавноста веќе е убедена дека во кујната на ФФМ одамна е „зготвена чорбата“ за шампионскиот престол.

Тетовци во минатата сезона стигнаа убедливо до шампионскиот трон. Со 35 бода повеќе од вториот Вардар. Шкендија нема сомнение дека е најсреден клуб, со веројатно најдобар играчки кадар, арно ама... За пет месеци во тековниот шампионат, две скандалозни одлуки веројатно веќе го одлучија идниот шампион на Македонија. И тоа ќе биде тетовскиот клуб.

Шкендија денеска го победи Вардар со 1-0. Но, мечот го одбележа неверојатниот превид на судиите предводени од еден од најдобрите наши арбитри Димитар Мечкаровски. Филип Најдовски постигна еврогол, топката заврши најмалку половина метар зад гол-линијата во голот на Костадин Захов. Но, никој не виде гол. Ни помошникот на Мечкаровски, ни дополнителниот судија зад голот. Останаа слепи.

Пет месеци претходно на стадионот на Маџари, Шкендија дојде да се вади за очајниот прв круг во кој Вардар имаше седум бода предност. И тогаш, на сцена стапија судиите. Марјан Марковски беше главен арбитар, а Изаир Емини даде фантомски гол. Ниту една камера, слика не потврди дека Емини погодил регуларно. Одлука дека е чист гол даде помошникот Куштрим Лика. Кичевецот од 25 метри виде нешто, што дополнителниот судија зад голот не успеа да го види. Шкендија со голот, поведе, во финишот даде уште еден за победа. По тој триумф, Вардар влезе во криза, а Шкендија во победничка серија за есенска титула со пет бода повеќе.

После скандалот под Шара и повторно „слепилото“ кое ги фати судиите, Шкендија има осум бода повеќе од Вардар, веќе сигурен подобар меѓусебен скор и тешко за очекување е дека тетовци ќе ја испуштат оваа предност за да не се крунисаат за шампиони. Ако се гледа по двете крупни грешки кои ги направија против Вардар, тешко некој воопшто да помисли, дека во случај да биде загрозена нивната трка за круната, некој од „луѓето во црно“ повторно не би им помогнал.

И не е чудо што веќе мнозинство веќе бара видео-помош за судиите. Ако ВАР е специфичен и се бараат услови, а тоа пред сѐ, се стадиони со најмалку две трибини за да се инсталира системот на камери, тогаш многу поефикасно е во Македонија да се воведе само гол-линија технологијата со чип во топката. За најмалку да се решат овие спорни моменти на гол-линијата. Кога ФФМ инвестира во судии, а се фали на редовни профити на крајот на годината, ако сака подобро првенство, почесно и порегуларно, досега барем тој систем на „око соколово“ ќе го инсталираше.

Вака, останува домашната Прва лига да е заглавена во 20-от век, со мрачните сценарија зготвени од фотелјашите, за да се исполнат нечии ветувања и да се исполнат нечии амбиции, со кои би се оправдало силното инвестирање во фудбалот.