Македонскиот шампион Вардар се измачи за да се врати на победничките патеки попладнево, па евроголот на Бразилецот Хуан Фелипе на шест минути пред крајот на мечот, за триумф со 2-1 против Ренова на стадионот „Борис Трајковски“ во скопската населба Маџари. За разлика од Вардар, кој се врати на победничките патеки, кризата на битолски Пелистер продолжи, па зелено-белите денеска го загубија дербито за второто место со Академија Пандев (2-0).

Катастрофално лошо играше Вардар денеска, едвај успеваше да поврзе неколку додавања и блиску беше Ренова да се избори на лошиот терен за бод од овој дуел. Слично сценарио денешниот меч имаше како пред три дена на Железарница со Скопје, Вардар поведе преку Тигран Барсегјан во 26-та минута, Ерменецот промаши една шанса, па „гипсарите“ од првиот удар кон голот на Филип Гачевски израмнија преку Емран Рамадани (40-та минута) со удар од 20-на метри.

И потоа Ренова успеваше да се справи со сите напади на Вардар, кој безидејно ја држеше топката и доаѓаше до шеснаесетникот, но без конкретни закани кон голот на Матија Кобетиќ. И кога стравот и нервозата „влегоа во коски“ кај вардарци, на сцена стапи Фелипе за да спаси нов срам и нови два чекора зад Шкендија. Од 20-на метри, Бразилецот зафати волеј на одбиена топка и го погоди десниот агол од голот на Кобетиќ.

Шкендија без поголема мака освои нови три бода против Силекс, а хет-трик даде летното засилување Изаир Емини во победата со 5-0, додека Шкупи ја запиша третата победа во низа со минималниот триумф против Скопје.

Скопски Работнички го напушти дното на табелата откако со неверојатен пресврт во второто полувреме стигна до триумф против Победа (4-2), која на полувреме имаше два гола предност, но успеа да го прокоцка сето тоа. Поранешниот македонски младински репрезентативец Кире Маркоски со два гла беше херој на дебармаалци, а еден даде Емир Сахити во пресвртот на колото, за Џофри да ја запечати победата со четврти гол во финишот од мечот.

Во дербито на колото во Струмица, Академија Пандев го презема второто место со триумфот со 2-0 против Пелистер, кој откако остана со играч помалку по исклучувањето на Лукас во 53-та минута, Зоран Балдовалиев пет минути подоцна од пенал и Тревис Бовен на десет минути пред крајот дадоа два гола за победа на „пандевци“ и продлабочување на кризата на битолчани, кои сега се три меча без триумф. Во следното коло Пелистер го дочекува Вардар во макеоднското „ел класико“.

ПРВА ЛИГА, 6. КОЛО (15.30 Ч.)

Шкендија – Силекс 5-0 (2-0)

Емини 13, 27, 90 Хасани 69, Абдурахими 90+1

Вардар – Ренова 2-1 (1-1)

Барсегјан 26, Фелипе 84 – Рамадани 40

Шкупи – Скопје 1-0 (1-0)

Стојкоски 23

А. Пандев – Пелистер 2-0 (0-0)

Балдовалиев 58 п., Бовен 80

Победа – Работнички 2-4 (2-0)

Гешоски 4, Најдовски 30 – Марковски 57, 83, Сахити 63, Џофри 89

ТАБЕЛА

Шкендија 16, Пелистер 8, А. Пандев 11, Вардар 10 (-1), Шкупи 10, Силекс 6, Ренова 5, Работнички 5 (-1), Победа 5, Скопје 3.