Брегалница пак до победа во 95-та, нови триумфи на Тиквеш и Гостивар

Штипска Брегалница, која е еден од најголемите фаворити за пласман во елитната Прва лига, повторно победи со гол во 95-та минута и тоа денеска против прилепска Победа со 2-1, откако Мартин Стојанов во судиското надополнување погоди за да останат во мртвата трка со Тиквеш во источната група од второлигашката конкуренција.

Брегалница со многу маки стигна до победата, а мечот беше решен во завршните половина час, откако дотогаш цел еден саат мрежите мируваа, но штипјани од 22-та минута играа со фудбалер помалку по исклучувањето на Анес Османовски.

Дарко Стојанов во 61-та погоди за водство на штипјани, израмнија прилепчани преку Филип Димоски на 15 минути пред крајот и кога сите чекаа реми, Мартин Стојанов во 95-та погоди за триумф.

Тиквеш со 4-0 го распарчи и лесно победи против Росоман на гости, а дербито на Истокот помеѓу Каменица Саса и Осогово заврши без победник и без голови. Триумф запиша и Кожув кај Плачковица, додека Кит Го и Слога Виница во Пехчево ремизираа 1-1.

На западот, Гостивар, пак, со еден гол дојде до триумф за да се зацврсти на првото место, па денеска го победија Вардар Форино и тоа со гол во завршницата од мечот. Малиќ Белули даде гол на девет минути пред крајот за триумф на гостиварци, а минимално Кораби го победи Охрид, додека Скопје повторно се лизна и освои само бод на гостувањето кај најслабиот – Дрита во Боговиње.

ВТОРА ЛИГА, ИСТОК: Победа – Брегалница 1-2, Кит Го – Слога Виница 1-1, Плачковица – Кожув 0-1, Росоман – Тиквеш 0-4, Каменица Саса – Осогово 0-0.
ТАБЕЛА: Тиквеш 20 бода, Брегалница 20, Кожув 15, Кит Го 9, Слога Виница 9, Победа 8, Каменица Саса 8, Осогово 8, Росоман 7, Плачковица 4

ВТОРА ЛИГА, ЗАПАД: Гостивар – Вардар Форино 1-0, Кораби – Охрид 1-0, Велешта – Влазерими 2-1, Дрита – Скопје 0-0. Утре играат Тетекс – Кадино
ТАБЕЛА: Гостивар 20, Скопје 15, Велешта 15, Кораби 14, Влазерими 10, Кадино 9 (-1), Охрид 9, Вардари 8, Дрита 3, Тетекс 3 (-1).