Никаква промена на врвот не донесе денешната седма прволигашка рунда во која Шкендија, Академија Пандев и Вардар останаа на првите три места, по победите на овие три екипи во своите мечеви, сите како гости против Скопје (2-1), Работнички (2-1) односно Пелистер (1-0).

Македонскиот шампион Вардар ја продолжи резултатската доминација на гостувањата кај својот најлут ривал Пелистер, па шестипат по ред го победи како гостин, денеска со погодокот на Дејан Блажевски по половина час игра. Вардарци ја запишаа втората победа во низа и се загреаа за првото европско гостување во Лига Европа, в четврток во Трондхајм кај Розенборг.

Вардарци беа доминантни во првиот дел и од втората шанса дојдоа до водство преку Блажевски, кој ја искористи заспаноста на битолската одбрана за да ја погоди мрежата, но во второто полувреме битолчани го притиснаа шампионот и направија низа сериозни шанси, но им недостигаше завршниот удар за да се изборат најмалку за бод. Вардар играше подредено во вториот дел, а Матеј Ццветановски и Попзлатанов беа тие што правеа најмногу проблеми, кои за вардарци за среќа завршија сите без погодок.

Академија Пандев покажа дека сезонава ќе се бори за Европа и дека има тим и квалитет за место на меѓународна сцена, па на „Филип Втори“ со пресврт стигнаа до победа против Работнички, кој по првата победа пред четири дена о Прилеп се надеваше дека сврте нов лист во сезоната. И така тргна за дебармаалци, откако Џофри погоди во мрежата на струмичани по осум минути игра (Кире Маркоски промаши пенал, па Џофри од втора погоди), но сето тоа не ги демотивира „пандевци“, кои до полувремето преку Јани Атанасов стигнаа до израмнување, а Александар Мишев на 20 минути до крајот го комплетираше пресвртот за нов триумф.

Шкендија добро се намачи на Железарница, но Ферхан Хасани не дозволи „вардарово сценарио“ за лидерот да загиби два планирани бодови и со голот на десет минути пред крајот, тетовци стигнаа до победа. Скопје преку Филип Мишевски со еврогол поведе и најави ново изненадување, Бесарт Ибраими пред полувремето израмни и „сините“ беа близу да земат уште еден скалп, но репрезентативецот Хасани тоа не го дозволи.

Силекс во Кратово се врати на победничките патеки по три порази во серија со гол на Кристијан Филиповски од слободен удар за триумф над Победа. Вчера Ренова и Шкупи ремизираа без голови.

ПРВА ЛИГА, 7. КОЛО

Скопје – Шкендија 1-2 (1-1)

Мишевски 20 – Ибраими 39, Хасани 80

Силекс – Победа 1-0 (0-0)

Филиповски 52

Пелистер – Вардар 0-1 (0-1)

Блажевски 31

Работнички – А. Пандев 1-2 (1-1)

Џофри 8 – Атанасов 27, Мишов 70

ВЧЕРА

Ренова – Шкупи 0-0

ТАБЕЛА

Шкендија 19, А. Пандев 14, Вардар 13 (-1), Шкупи 11, Силекс 9, Пелистер 8, Ренова 6, Работнички 5 (-1), Победа 5, Скопје 3.