Битка за полуфинале во Купот: Кои четири прволигаши ќе останат во борба за трофејот?

Битката за пехарот после една сезона без победник продолжува денеска (13 часот) со претпоследната елиминациска фаза, четвртфиналето во најмасовното натпреварување, по кое во еден меч ќе бидат познати четирите екипи што напролет ќе останат во таа трка за трофејот.

Сите четири пресметки, бидејќи се игра еден меч и би трбало до крај да има неизвесност најавуваат многу возбудувања, а барем според досегашната форма, фаворизираните Шкендија, Шкупи и Македонија ЃП гостуваат, додека од првата четворка во домашната елита само Струга Трим Лум, која е исклучително незгодна кога е домаќин, на свој терен го игра ова четвртфинале.

Последниот победник на Купот, лани во мај, Академија Пандев ги пречекува чаирчани, кои пред нешто повеќе од еден месец победија во Струмица со 1-0 во прволигашкиот меч. Оваа пресметка се игра на спортскиот центар „Пандев“ во Струмица, а на стадионот „Младост“ во ист термин Македонија ЃП ќе се соочи со Беласица.

Двата скопски клубови на хартија се фаворити, само и едниот, а и другиот струмички клуб викендов победија колку да си влеат самодоверба во обид за полуфинале, а во еден меч, без оглед дали се аутсајдери, не смее никој да ги отпише од трката за полуфинале, зашто и во минатата рунда беа отпишани, па пандевци го елиминираа Вардар, а Беласица го освои Штип кај амбициозната Брегалница.

Силекс кој се наоѓа во огромна криза после серија на порази кои кулминираа со домашна „нула“ во пресметката со фенерџијата Беласица, ја пречекува Шкендија во меч кој би требало да биде најинтересен од четирите. Кратовци сезонава ја изненадија Шкендија во Тетово за да стигнат до бод, а дека се незгоден ривал за црвено-црните покажува и фактот дека тетовци само еднаш во петте последни меча победиле и оттаму актуелниот прволигашки лидер го очекува многу тешко гостување во еден поинаков меч вово кој нема поправен.

Струга Трим Лум пред три дена ја победи Ренова со 1-0 во првенствен меч, по кој „гипсарите“ стигнаа до самото дно (поради подобра гол-разлика од Беласица не се последни), а денеска повторно ќе се соочат и стружани ја имаат фаворитската улога. Ренова доаѓа без тренерот Бујар Ислами, кој вчера даде оставка, па сега прашање е дали смената и шок-терапијата ќе бидат делотворни за полуфинале на вториот тетовски клуб или Струга ќе стигне до ново полуфинале. Најмладиот прволигаш и во минатата сезона дојде до најдобрите четири, но пандемијата со коронавирус не дозволи завршна битка за трофејот.

ЧЕРТВРТФИНАЛЕ, КУП НА МАКЕДОНИЈА (13 ЧАСОТ)

СЦ „Пандев“: Академија Пандев – Шкупи (Марјан Ецкоски – Охрид)

Струга: Струга Трим Лум – Ренова (Марјан Гоцевски – Струмица)

Струмица: Беласица – Македонија ЃП (Јован Калевски – Струга)

Кратово: Силекс – Шкендија (Марјан Маркоски - Охрид)