Тричковски ја доби „златната топка“ на Кипар: Ова е голема чест и многу ми значи

Македонскиот репрезентативец Иван Тричковски синоќа и официјално ја доби „златната топка“ на Кипар, наградата за најдобар фудбалер во оваа година во изборот на тренерите во најсилното кипарско првенство, па синоќа на гала-церемонија ја прими најпрестижната награда на осторвот.

Тричковски имаше сезона за паметење на Кипар, влезе во историјата на својот АЕК Ларнака како најдобар стрелец, стана најдобриот голгетер странец во европските натпреварувања, играше во Лига Европа, а имаше фантастичен скор од преку 20 голови сезонава и да не беа повредите сигурно голгетерското салдо ќе беше уште поголемо.

После доделувањето на наградата, Тричковски се заблагодари за големата чест и фактот дека е избран за прва виолина во оваа сезона во кипарскиот фудбал.

„Ова е голема чест што сум избран за најдобар фудбалер на годината. Да се биде вечерва тука значи дека сум направил нешто многу добро. Јас сакам да му заблагодарам на семејството и на соиграчите во АЕК Ларнака што ми помогнаа да стигнам тука“, рече Тричковски.

Цела една деценија македонскиот репрезентативец игра на Кипар. Прво беше дел од АПОЕЛ со кого стигна и до четвртфинале во Лигата на шампионите, а сега во АЕК Ларнака со која сезонава играше во групите во Лига Европа.

„Јас уживам во секој момент тука на Кипар. И ќе се обидам да бидам уште подобар во иднина“, додаде Тричковски.