Откриено кој го „скина“ напишаниот отказ за Просинечки во БиХ

Хрватската легенда Роберт Просинечки преживеа на клупата на Босна и Херцеговина, иако после поразот од Грција и напишаниот отказ во федерацијата, се случи (не)очекуван пресврт, па популарниот Жути доби шанса да ја води селекцијата во последните два меча од евроквалификациите и да го подготви тимот за мартовскиот плејоф во Лига на нации како „втора шанса“ за место на Евро 2020.

Просинечки пред еден месец после поразот од Ерменија поднесе оставка, но истата не беше прифатена и Хрватот беше предомислен. Но, после поразот од Грција и загубените шанси, раководните луѓе тргнаа да му дадат отказ, како единствено логично решение за да има доволно време „шок терапијата“ да вроди со плод за плејофот догодина. Но, Извршниот одбор вчера наместо отказ, на Просинечки му даде комплетна поддршка и тоа ги изненади сите, сооглед на претходните најави.

Сега, босанските медиуми објавија дека Просинечки практично го спасила „стручната комисија“ во која членови се легендариот Душан Баевиќ, потоа бившиот репрезентативец Звјездан Мисимовиќ, како и Сеад Кајтаз, а засилени и со претседателот на техничката комисија, Мунир Таловиќ.

Поради тоа што оваа стручна комисија е и најфудбалска, челниците на федерацијата практично немале аргумент за да го сменат. Ако, тргнеле во смена, ќе се соочеле со проблем дека не е послушана струката и проблемите би биле уште поголеми.

Инаку хрватската легенда сега на располагање ги има членовите на стручниот комитет, ако му биде потребно, да му помогнат во остварувањето на јасно поставената цел – пласман на Евро 2020. БиХ нема настап на континентален шампионат, а единствено учество на големите настани е СП во Бразил во 2014 година. Лани во Лигата на нации, БиХ беше прва во својата група и обезбеди пласман во А-дивизијата и шанса преку плејофот да се бори за место на ЕП.

Просинечки е поранешен најдобар млад фудбалер на светот (1987), европски и светски првак со Црвена Звезда (1991), бивш фудбалер на Реал Мадрид и Барселона и бронзен од СП 1998 со Хрватска.