Најуспешниот тренер на Ц. Звезда во 21 век зимава ќе ја напушти „Маракана“ ?

Белградска Црвена Звезда и актуелниот тренер Владан Милојевиќ ќе се разделат зимава после три години многу успешна соработка, како кулминација на тешките порази во Лигата на шампионите сезонава и ужасната гол-разлика од двобоите со Тотнем и Баерн Минхен во двомечоте во вкупни 0-18.

Милојевиќ е најуспешниот тренер на белграѓани во 21 век, под чија палка касата на Ц. Звезда се наполни до врв со две учества по ред во ЛШ и едно во Лига Европа, во кое стигнаа и до пролетни елиминации. Но, во изминатиов период белградскиот гигант го зафати сериозна криза, а самиот Милојевиќ ризна дека екипата ја загуби „енергијата и страста“, па затоа и потфрла на теренот.

Како што објавија српски медиуми, се очекува актуелниот кормилар да ја доработи есенската полусезона и потоа да стави чокна на својата работа во клубот, а веќе има богати понуди од Кина, Саудиска Арабија и од Грција за да ја продолжи тренерската кариера. Наводно Олимпијакос и АЕК се заинтересирани, како и неименуван кинески и саудијски клуб, кои не жалат пари за да го ангажираат.

„Мене може да ми судат навивачите, управата и јавноста. Ако сум крив – крив сум! Не е проблем да си заминам, дали утре, задутре, за еден месец, една година... Јас сум војник на Ц. Звезда и како и да заврши, гордо ќе одам, зашто знам што сè направивме“, вели Милојевиќ.

Тоа што потенцираат белградските медиуми, Милојевиќ делувал „заситен, емотивно испразнет после бројните успеси и немал повеќе мотиви“, па дополнителниот притисок со богатите понуди од странство практично влијаат за тој и управата на клубот спогодбено да се разделат, иако челниците на Ц. Звезда без оглед на кризниот период и срамот со Баерн се презадоволни од неговата работа.