Капитен на хрватски клуб уапсен во Загреб - осомничен е за убиството на навивачот во Атина!

По потерницата издадена од грчката полиција, хрватска полиција изминативе денови уапсила уште девет хулигани кои навиваат за Динамо од Загреб, во насока да се реши убиството на Михалис Кацурис, навивач на АЕК, кој беше убиен за време на нередите ноќта пред натпреварот помеѓу овие два тима од квалификациите за ЛШ.

Членовите на „Бед Блу Бојс“ заедно со хулиганите од „Гејт 13“ на Панатинаикос, направија хаос на улиците околу стадионот во Атина, а Кацурис искрвари до смрт откако беше избоден со нож и потоа доби удари по главата и телото додека беспомошно лежеше на земјата. За скандалот да биде уште поголем, во новата група уапсени хулигани е и капитен на фудбалски клуб од Хрватска!

Станува збор за Леонард Јагатиќ (23), првотимец на Либертас од Новска, екипа која неодамна беше убедливо поразена од Ријека (0-9) во Купот на Хрватска. На тој меч навивачите од трибините го скандираа неговото име и презиме, но многумина не сфатија што се случува - дури подоцна се дозна дека капитенот на овој тим е уапсен како еден од хулиганите чија екстрадиција бара Грција!

Засега се уште не се знае за што Грците ги обвинуваат ново уапсените хрватски навивачи. Постои можност деветмината уапсени навивачи да не бидат ни споменати во обвинението за убиството на Кацурис, но во тој случај би било јасно дека има и други прекршоци за кои грчкото правосудство ќе води постапка против Хрватите.