Црвена Звезда нападот за нов настап во ЛШ ќе го засилува со – Илија Несторовски?

Поранешниот европски шампион Црвена Звезда веќе една година го има на радарот македонскиот репрезентативец Илија Несторовски, па летово ќе се обиде да го донесе како големо засилување и со него да се нападне нов настап во Лигата на шампионите, објавија белградските медиуми.

Несторовски е член на Палермо, но летово ќе биде слободен играч сооглед дека сицилијанскиот тим административно за финансиски малверзации е префрлен во Серија Ц и во моментов во процес е жалбата на првостепената одлука. Сепак, според најавите од Италија мали се шансите Палермо да „преживее“, па Несторовски повеќе од извесно е дека ќе мора да бара нова средина.

Црвена Звезда за ривали во трката за потписот ќе имаат неколку италијански калчолигаши, пред се се споменуваат Сасуоло, Болоња, Џенова (ако опстане), но црвено-белите имаат адут во ракавот со настап во ЛШ да го привлечат македонскиот центарфор. За Несторовски интерес покажа и сплитски Хајдук, но прилепчанецот ја одби идејата да се врати во Хрватска.

Сезонава тој запиша 15 гола и пет асистенции и беше капитен на Палермо во своите три години откако дојде од Интер Запрешиќ за половина милион евра. Сега останува да се види дали Црвена Звезда ќе успее да го убеди да дојде во Србија или Несторовски ќе избере да игра во Серија А.

Црвена Звезда лани првпат по 1992 година играше во ЛШ, успеа да го победи финалистот Ливерпул и да освои четири бода во исклучително тешката група. Инаку од двете легенди Дарко Панчев и Илија Најдоски, кои беа европски прваци со белградскиот клуб во 1991 година, како и Митко Стојковски, ниту еден од бројните Македонци не остави позабележителен белег на „Маракана“ од Баже Георгиевски, Дарко Крстески, Горан Попов, Иван Тричковски, Даниел Аврамовски, Давид Бабунски, кои го носеа дресот на црвено-белите во новиот милениум.