Сабаленка не ни излезе на терен, без борба стигна до полуфиналето

Бранителката на титулата на УС Опен, Арина Сабаленка обезбеди пласман во полуфиналето на истиот турнир и покрај тоа што ноќеска воопшто не излезе на терен.

Причина за тоа е повредата на коленото на нејзината противничка Маркета Вондрушова од Чешка која не можеше да настапи и ги извести официјалните лица дека го предава мечот.

„Жалам што морам да соопштам дека не сум во можност да го одиграм четвртфиналниот натпревар поради повреда на коленото. Направив се што е возможно за да излезам на терен, но за време на загревањето повторно почувствував болка и во консултација со докторите одлучив да не ризикувам“, соопшти Вондрушова.

Таа и лани имаше проблем со повреда на рамото поради што го пропушти УС Опен, во февруари се врати на кратко, а потоа паузираше три месеци поради друга повреда. Сабаленка во полуфиналето ќе се сретне со Џесика Пегула од САД, во реприза на ланското финале. За Белорусинката тоа ќе биде 11. полуфинале на последните 12 Гренд слем турнири.