„Новак, ти си шовинист и затоа никој не те сака!“

Српските тенисери вчера со победата над Шпанија од 2-1 славеа на првото издание на АТП Купот, што изминатите две недели се одржуваше во Австралија. 

По триумфот, Новак Ѓоковиќ и останатите членови на репрезентацијата очекувано беа весели во соблекувалната. Тие славеа со шампањ и со пеење неколку српски патриотски песни, меѓу кои и за Косово. Тоа ги воодушеви српските навивачи, но очигледно навредило еден косовски политичар.

Едон Кана е амбасадор на Косово во Бугарија и преку „Твитер“ ги нападна српските тенисери, особено Ѓоковиќ.

„По песната за воен марш, тие продолжија со Косово. Можеш да бидеш победник на АТП Купот, но длабоко во себе остануваш примитивен, назаден и обичен балкански националист и шовинист. Не е случајно што Новак Ѓоковиќ е најмалку саканиот тениски шампион во историјата“, напиша косовскиот политичар.