Штета: Ѓорческа имаше брејк во третиот сет, ама го заврши настапот на Австралија Опен

По голема борба која траеше 2 часа и 15 минути, најдобрата македонска тенисерка Лина Ѓорческа доживеа пораз и го заврши настапот во квалификациите за Австралија Опен.

Подобра од неа беа Тамара Зиданшек од Словенија која славеше со 2-1 (4-6, 6-2, 7-5) и обезбеди пласман во финалето од квалификациите. Ѓорческа имаше услови да излезе како победник од овој дуел, но одлучија 48. неизнудени грешки, речиси двојно повеќе од противничката и 11. двојни сервис грешки (Зиданшек имаше само две).

Првиот сет ѝ припадна на нашата тенисерка која откако двете освоија по еден брејк, го освои сервисот на противничката во седмиот гем, поведе со 4-3 и потоа мирно го приведе сетот кон крајот. Вториот целосно ѝ припадна на противничката, на 0-2, Ѓорческа го врати брејкот, но потоа Зиданшек освои уште два гема на сервис на нашата тенисерка за израмнување на 1-1. 

Одлучувачкиот сет почна одлично за Ѓорческа, направи брејк во првиот гем и тоа без изгубен поен, но не издржа до крајот бидејќи на 3-2, Зиданшек возврати. На 5-5, македонската тенисерка имаше брејк поен, ама не го искористи за во следниот гем Словенката да го освои сервисот на Лина и да се пласира во следната фаза од квалификациите.

Таму ќе се сретне со Јуан од Кина која беше подобра од Карле од Аргентина со 2-1. Победникот од тој меч оди во првото коло од Гренд слем турнирот во Мелбурн.