Федерер призна: Не го испочитував доволно Ѓоковиќ

Еден од најдобрите тенисери на сите времиња Роџер Федерер ја призна големината на Новак Ѓоковиќ која во последниве 15 години често беше проблематизирана.

Голем дел од љубителите на тенисот и новинарите беа и се против Србинот, но на залезот на неговата кариера се гледаат квалитетите со кои располага. Сега тоа го призна и Федерер.

„Мислам дека не му го укажав респектот кој го заслужува поради неговите технички маани. Мислев дека има екстремно цврст стисок при форхендот, додека неговиот бекхенд не беше флуиден како што е денес. Потоа ги 'испегла' тие работи и стана неверојатно чудовиште од играч.

Претпоставувам дека Новак ја расипа журката на навивачите на Рафа и Роџер. Кога тој излезе на површина многумина сметаа дека не им треба трет човек бидејќи се среќни со нас двајца. Потоа тој се истакна со силната личност и неверојатната желба да победи по секоја цена“, рече Федерер.

Ѓоковиќ во меѓувреме ги собори речиси сите рекорди во тенисот и на 37 години може да се пофали дека е поуспешен, во однос на трофеите од своите двајца големи ривали.