Две тенисерки од топ-10 се откажаа од настап на Ју-Ес Опен

По големиот дел тенисери кои објавија дека нема да настапат на гренслем-турнирот Ју-Ес Опен, на листата им се приклучија и Елина Свитолина и Кики Бертенс.

Претходно првата тенисерка во светот најави дека ќе го пропушти турнирот во Њујорк, а сега се откажаа уште две тенисерки од топ-10 на ВТА-листата.

„Поради тоа што се случува во светот јас решив да не играм на Ју-Ес Опен. Ги разбирам и почитувам сите напори кои беа вложени за да се организира турнирот, но јас не сакам да се ставам себе и својот тим на ризик со патување во САД“, порача Свитолина.

Од исти причини од турнирот се повлече и Бертенс.

„Решив да не патувам во САД и да не учествувам на Синсинати и Ју-Ес Опен. Ситуацијата со пандемијата на коронавирусот е загрижувачка, а здравјето на сите е приоритет“, објасни седмата тенисерка од ВТА-листата.