„Билд“ брутален кон Синер: Триумф со вкус на допинг!

Јаник Синер ја одбрани титулата на Австралија опен, а триумфира и на два последователни грен-слем турнири откако беше најдобар и на УС Опен, но Италијанецот на себе носи тежина која фрла дамка на неговите успеси.

Откако излезе информацијата дека Синер бил позитивен на допинг, а за тоа не доби суспензија бидејќи докажал дека ненамерно ја внел забранетата супстанца, се крена вистинска бура во јавноста.

Многумина претходно беа суспендирани, а сите тие исто така тврдеа дека ненамерно внеле сусптанца која е позитивна на допинг, но никој друг не беше помилуван.

Германскиот весник „Билд“ беше брутален кон Синер откако Италијанецот го освои Австралија опен. Тие во текст насловен како „Триумф со вкус на допинг“ ја потенцираа неправдата.

„Фактот што Синер освои втор последователен грен-слем турнир, по УС Опен, е фарса за многу тенисери, експерти и фанови на тениската сцена, многу е необично што му е дозволено да ја одбрани титулата“, пишува „Билд“.

Во меѓувреме ВАДА поднесе жалба на одлуката да се ослободи Синер. Според последните информации одлуката ќе биде донесена на 16-17 април. ВАДА бара суспензија од две години.