Алкараз ги постави приоритетите за 2024 година - златото од Олимписките игри пред „Ролан Гарос“

Шпанскиот тенисер Карлос Алкараз би сакал годинава да го освои златото на Олимписките игри во Париз, дури и да остане без титула на „Ролан Гарос“ каде многумина го гледаат како прв фаворит.

Тој веќе има трофеи од УС Опен и Вимблдон, а лани во Париз беше запрен од Новак Ѓоковиќ во полуфиналето за што голем придонес имаше и повредата што ја доживеа за време на мечот.

„Повеќе би сакал годинава да го освојам олимпиското злато бидејќи ми е сон да го однесам во мојата татковина. Златен олимписки медал е една од најголемите и најважни работи генерално во спортот. Оваа година тоа најмногу би сакал иако, да не лажам, најсреќен би бил со двата трофеја“, изјави Алкараз.

Во историјата на тенисот, само еден Шпанец освои златен медал во сингл на Олимписките игри, се разбира Рафаел Надал во 2008 година во Пекинг.