Тага во Италија: Олимпиец почина од Ковид-19!

Поранешниот финалист на олимписката трка на 800 метри од Италија, Донато Сабија почина на 56-годишна возраст од коронавирус, а информацијата ја потврди италијанскиот Олимписки одбор. Тие објавија дека поранешниот атлетичар е првиот италијански олимпиец, кој починал од опасниот вирус.

Сабија на олимписките игри во Лос Анџелес во 1984 година го освои петтото место на 800 метри, додека четири години подоцна во Сеул беше седми.

Најголемиот успех во кариерата го оствари во 1984 година на Европското првенство во сала, кога освои златен медал на 800 метри, а освои и сребрен медал на Медитеранските игри во 1983 година во штафета на 4 по 400 метри.