Македонија викендов дебитира на Светското првенство во кендо

Македонската кендо репрезентација викендов за прв пат ќе настапи на најголемата сцена, поточно ќе учествува на 17-тото Светско првенство што се одржува во Инчеон, Јужна Кореја. 

Нашата држава на овој собир ќе ја претставуват петорица натпреварувачи во состав, Владимир Пешков, Кесковски Владимир, Ивановски Матеј,Атанасоваки Андреј и Менсур Бојда. Македонската експедиција ја предводи претседателот на Македонската кендо федерација, Златко Кесковски, како и генералниот сектератар Николче Балески.

Македонија во јуни годинава на Балканското првенство во Истанбул, Турција ја одбрани бронзата, а овој турнир беше своевидна подготовка за Светското првенство, бидејќи составот на репрезентацијата е речиси ист. 

„Очекуваме добар настап на нашата репрезентација и достоинствено претставување на Македонија на овој голем собир. Добро сме подготвени за настап на Светското првенство. Конкуренцијата е навистина голема и многу квалитетна, знаеме дека нема да биде лесно, но имаме самодоверба дека можеме да оствариме добар пласман“, вели Николче Балески, генералниот секретар на федерацијата.

Македонија во екипна конкуренција се најде во група со Кина и Аргентина, а потребни се две победи за пласман во следната фаза од натпреварувањето. Во поединечна конкуренција, Ивановски за противници ги има А. Сегофи од Унгарија и Финецот А. Виквис. Кесковски ќе се бори против С. Апеланиз од Шпанија, Пешков за противник го има шампионот на Јапонија, Катсуми, како и претставникот од Хрватска, Д. Гаспариќ. Последниот наш репрезентативец Атанасовски за противници ги има К. Јервуд од Полска и Б. Вонг од САД.

Светското првенство се одржува од 14 до 16 септември, а учество ќе земат повеќе од 500 натпреварувачи од 49 држави во машка и женска конкуренција.