Не најсјајна игра, но целта е исполнета: Три бода за Македонија против БиХ

Македонската одбојкарска репрезентација го почна квалификацискиот турнир во Скопје со триумф против Босна и Херцеговина од 3-1 во сетови, односно 27-25, 25-21, 23-25 и 25-19.

„Црвено-жолтите“ во првиот сет играа многу лошо, па Босанците создадоа предност од 15-8, но сепак македонските одбојкари одиграа одлично во продолжение од сетот и спасија три сет-топки, а потоа стигнаа 27-25.

Вториот сет за нашите одбојкари беше полесен, па направија разлика од 15-10, која успеаа да ја зачуваат до самиот крај и не му дозволија на ривалот да направи изненадување (25-21).

Во третиот сет македонските одбојкари имаа водство од два поени (14-12), но потоа падна концентрацијата, а тоа го искористи БиХ, која го доби сетот со 25-23.

Босанските репрезентативци имаа водство на почетокот на четвртиот сет од 2-1, но потоа нашите одбојкари ја презедоа иницијативата и со серија од 6-0 стигнаа до 7-2, по што не му дозволија ан ривалот да се приближи на помалку од два-три поени, а на крајот триумфираа со 25-19.

Пласман на ЕП ќе изборат сите првопласирани репрезентации и пет од второпласираните во седумте групи, па затоа важно ќе биде да освојат што повеќе бодови, макар го освоиле и второто место во групата.

Одбојкарите утре имаат слободен ден, а в среда ќе се соочиме против Турција, по што в четврток следи уште еден дуел со БиХ, додека конечниот епилог во групата ќе биде познат по последниот натпревар меѓу Македонија и Турција, в сабота.