Најбрзиот човек во моментов остана без ЛОИ во Токио!

Најбрзиот човек во моментов, Американецот Кристијан Колмен и дефинитивно остана без настап на Летните Олимписки игри закажани за летово во Токио, откако двегодишната суспензија за прекршување на допинг-правилата му беше намалена само за шест месеци.

Колмен, кој се најавуваше како наследник на светскиот рекордер Јусеин Болт во најбрзите спринтерски делници не ја доби жалбената постапка на Арбитражниот суд во Лозана (КАС), кој само му ја намали за шест месеци претходната казна, па наместо на 13 мај 2022 година, сега на тартанот ќе може да се врати на 14 ноември годинава, но тоа значи дека нема да може да трча на ЛОИ.

Судот во Лозана утврди дека Колман ги прекршил анти-допинг правилата, но пресуди дека „степенот е понизок во однос на тоа што е утврдено во одлуката по која е водена жалбената постапка“.

Американскиот спринтер беше казнет дека во 12 месеци трипати не бил на наведената локација за да биде тестиран на допинг, со што ги прекршил сите анти-допинг правила

„Го ценам тоа што судот заклучи дека сум чист, но разочаран сум дека нема да трчам на ЛОИ“, рече Колмен.

Тој во 2019 година стана светски првак во Доха кога победи со 9,79 и беше најголем фаворит за олимпиското злато во Токио.