Македонската ракометна репрезентација одигра уште еден драматичен натпревар со Исланд, кој резултираше без победник, 24-24. Колку и да жалиме за пропуштените шанси за победа, сепак, ова е резултат кој оди во прилог на нашите амбиции за пласман на ЕП 2020 и тоа како први во групата 3.

Не може да не биде комплицирано, дури и кога водиме на помалку од една минута до крајот и имаме напад. Македонија го имаше натпреварот со 24-23 на 40-тина секунди до крајот, тргајќи во напад за печат на победата, арно ама Исланѓаните успеаја да се одбранат. Со пресеинг по целиот терен, оставија простор до голот, доволно за капитенот Кирил Лазаров да се намами да шутне, но и доволно за да биде запрен од голманот Халгримсон, притоа со дефанзивец на својот грб. На крај гостите го искористија подарениот напад и постигнаа гол за конечни 24-24.

Слично како во Рејкјавик и на овој натпревар почнавме бавно, Исланд беше репрезентацијата која го чуваше водството од почетокот,  но тоа траеше некаде до половина од првиот дел. Со серија од 3-0, Македонија првпат поведе со 8-7, а во 20. минута имавме и 10-8. Но, изостана надградба на овој резултатски залет бидејќи во последните 10 минути не постигнавме ниту еден гол!

Направивме неколку грешки во додавања, утнавме еден пенал, а исландската зона 4-2 агресивно ја убиваше идејата во нашите напади. Островјаните се вратија во водство и на пауза заминаа со 11-10. Лошото е што им тргна од рака и во почетните минути на вториот дел, главно поради неколку врзани, важни одбрани на голманот Халгримсон. Исланд првпат поведе и со плус три, разлика која ја негуваше некаде до 45. минута (15-18).

Потоа дојде оечкуваниот налет на црвено-жолтите, Исланд не постигна гол шест минути, Борко Ристовски имаше две важни одбрани, а нашата контра молскавично го сврти развојот на дуелот. Во 50. минута имавме 20-18, но Исланд и од ова се врати, за да го внесе мечот во тензичен крај. Кире Лазаров беше најефикасен кај нас со осум гола, по четири постигнаа Дејан Манасков и Филип Талески, а Борко Ристовски заврши со 12 одбрани.

Македонија и Исланд сега имаат по пет бода на чело на групата 3, пред Турција со четири и Грција со два. Меѓутоа, ако се случи да имаме истр број бодови, Македонија би била прва, поради подобар меѓусебен скор. Следниот меч го играме на гости кај Турција, на 12 јуни.