Убедлив пораз на Македонија во мечот што не требаше да се игра

Македонската ракометна репрезентација доживеа убедлив пораз во четвртото коло од квалификациите за Европското првенство откако вечерва загуби на гостувањето во Словенија со 27-38.

Натпреварот се одигра во исклучително лоша атмосфера за нашиот национален тим поради што никој воопшто не може да им замери на ракометарите и стручниот штаб. Освен трагедијата што ја потресе Македонија ноќеска, во раната фаза од мечот тешка повреда доживеа Марко Митев кој беше изнесен со количка и повеќе не се врати во игра.

Во такви услови, Словенија го диктираше темпото во текот на сите 60 минути, а Македонија со исклучок на 1-1, постојано се наоѓаше во негатива. Во петтата минута беше 4-1, во 12. домаќинот водеше со 9-4, а на голем одмор се замина со големи 20-12. По шест минути игра во второто полувреме, Словенците првпат направија двоцифрена предност (25-15), па македонската репрезентација до крајот не успеа да направи резултатска неизвесност.

Филип Кузмановски со шест гола беше најефикасен во македонската репрезентација, а по три постигнаа Костески, Лазаревски, Пешевски, Серафимов и Павле Атанасијевиќ.

Со оглед на победата на Литванија против Естонија, Македонија остана на третото место на табелата во групата 1 со само два бода, четири помалку од Литванците и шест од Словенците.кои веќе се пласираа на Европското првенство. Нашата шанса за место на континенталниот шампионат ќе ја бараме во последните две кола во кои мораме да ги победи Литванија и Естонија, но треба и Словенците да ни направат услуга.