Проста математика: Победа в недела над Исланд - Македонија е на ЕП 2020!

Македонските ракометари направија голема работа со триумфот над Исланд на гостински терен. Дојдоа до четири бода по три одиграни кола, многу блиску до обезбедување пласман на Европското првенство во 2020 година.

Иако има уште три кола до крајот, лесно е да се направи проекција уште сега: Ако во следното го победиме Исланд на домашен терен, в недела во Скопје - ние сме на ЕП.

Како?

Во тој случај Македонија би имала шест бода, Исланд би останал на четири, а Турција, под претпоставка дека ќе ја победи Грција и дома исто така четири. Грците би останале на два. Со оглед дека сигурна виза за ЕП имаат првата и втората репрезентација од сите осум групи, ќе треба да се случат нелогични резултати до крајот на нашата група, како на пример Грција да ја победи Македонија во Скопје, Исланд на свој терен или, пак, Турците да го добијат Исланд на гости, на нас дома, за да паднеме на третата позиција.

Дури и во таква хипотетичка ситуација, да останеме на шест бода до крајот на циклусов (тоа значи да загубиме и од Грција и од Турција), повторно шансите за пласман на ЕП ни се „до небо“.

Покрај првопласираните и второпласираните, на ЕП ќе одат и четирите најдобри трети места од осумте групи. Со оглед дека таму во моментов се селекции како Италија, Литванија, Израел, Холандија, БиХ, Србија, Црна Гора...со по три, два, па и само еден бод досега, би било неизводливо сите тие селекции со подредена улога во своите групи да дојдат до шест или повеќе бода и да ја потиснат Македонија надвор од четирите најдобри третопласирани, кои ќе одат на ЕП.

Оттука, математиката е проста - победа в недела над Исланд и Македонија ќе се квалификува на своето шесто Европско првенство.