„'Промена на генерации' не е изговор што паднавме на ова ниво!“

Долгогодишниот „министер за одбрана“ во македонската ракометна репрезентација, Борко Ристовски, за ова Светско првенство остана во Скопје. Километрите нема да му ја намалат возбудата на секој натпревар на неговите колеги, во Каиро, само што наместо дресот на Македонија, овој пат ги брани боите на Спорт1.

Борко е нашиот стручен аналитичар, кој со малку поекспертски очи ни ги доловува настапите на нашата репрезентација во Египет.

Конечно! Конечно видовме знаци на живот. Иако мали, меѓутоа видовме „нешто“, нешто што ниту одблиску не ја дава вистинската слика за нашата иднина и во кој правец се движи нашиот национален тим. Мислам дека реалноста е дека ние од овој состав не може да очекуваме драстично подобри игри во иднина затоа што квалитетот е тој и не може многу да варира. Имаме 2-3 играчи кои вистински можат да направат разлика на теренот (зборувам за младите) и држам на тоа дека треба уште отсега да се размислува на уште едно ВИСТИНСКО подмладување, со ВИСТИНСКИ квалитет на играчи за да може да се направи една бројка од 8-10 квалитетни и перспктивни репрезентативци, кои ќе бидат нашата иднина во наредните 10 години.

Натпреварот против Белорусија можеби беше и наш најдобар на ова СП, затоа што се држевме во првите 30 минути и покажавме карактер што навистина ме радува, меѓутоа сè тоа е премалку за едно СП. Премалку за да може да се извлече било каква позитива кон која ќе се насочиме како држава и народ. Според моето скромно мислење, ние како спортска нација НИКАКО не смееме да ја спуштиме летвичката до тоа ниво и нашите амбиции, за да кажеме дека имаме „промена на генерации“. Тоа апсолутно не е изговор за ништо од ова што го видовме денеска, а и на целокупното СП.

Јас би сакал да го сочекаме утрешниот ден, да ја извадиме целокупната статистика и да го анализираме целокупниот тим и да подвлечеме црти каде, колку, зошто, ДАЛИ се исправни некои одлуки. Би честитал на репрезентативците на борбата на денешниот натпревар, на желбата да се заврши ова СП со победа бидејќи не е лесно по сите тие порази!

Меѓутоа, доколку навистина сакаме успех и иднина ќе мораме да многу трезвено и без лични суети да го анализираме сето ова и што доведе сè она што ние сме го граделе 15 години, „некој“ заради икс-причини (а мене добро познати) да ја донесе македонската репрезентација на ова ниво.

Без разлика на сè, овие момци се репрезентативци на Македонија и ја заслужуваат целата наша почит!