Прибак: Уште имам оток на ногата!

За среќа, Македонија е, можеби, единствената репрезентација на ЕП во Загреб без позначајни проблеми со повредени играчи. Единствениот кој има болка е Немања Прибак, кој го свитка скочниот зглоб на левата нога уште во првите денови во јануари, во Скопје.

Од Загреб, ВЛАДКО АРСОВ

Ако некој го гледал тренингот на Македонија во загрепска „Арена“, немаше ни да претпостави дека Прибак е играчот кој мораше да паузира на пријателските натпревари во Белград, минатата недела.

Средниот бек тренираше нормално, трчаше, дури ги правеше и оние нагли менувања на правец, кои се проблем за повреден играч, но...

„Можам да играм, тренирав нормално, ама уште се појавува оток. Еве сега сум добар, но штом мирувам, попладне откако одморам повторно ќе отече. Но, добро е, верувам дека ќе бидам добар“, ни изјави ракометарот на Бешикташ.

Се разбира дека зглобот може да се бандажира за Прибак да може да игра, меѓутоа останува на медицинскиот тим и на селекторот да решат дали ќе го поштедат.