Палмарсон: Имавме топка в раце и ја упропастивме - смешно и фрустрирачки е!

Исланѓаните имаат голем повод за фрустрација, но сигурно најмногу меѓу нив Арон Палмарсон. Најдобриот играч на Островот постигна 12 гола, а сепак, мораше да се помири со пораз и тоа трагичен, несмасен, болен.

По натпреварот во Рејкјавик, Палмарсон го окарактериира финишот на мечот како смешен, со оглед дека на 11 секунди до сирената тие добија топка, па ја загубија, па потоа Македонија доби пенал, кој го промаши, а сепак, победи.

„Од ова не може да биде полошо. Имавме шанса за победа, но ја упропастивме на несмасен начин. Па потоа ни дојдоа црвениот картон и седмерецот. Навистина смешно е тоа што се случуваше, но, барем, можеме да научиме нешто“, изјави Палмарсон.

За почетничката грешка на Омар Арон Гунарсон вели дека, се надева, оти е направена во жарот на борбата. Како и да е, се чувствувал фрустирачки.

„Омар ги знае правилата и верувам дека тоа што се случи беше во жарот на играта, барем се надевам дека е така. Имавме топка в раце и навистина е фрустрирачки да не ја искористите. Едноставно не ја исконтролиравме. Исто така, одбраната и голманите не беа на наша страна денеска. Повеќе од 30 гола на домашен терен е очаен резултат, не сакаме светот да нè знае по ова“, додаде исландскиот плејмејкер.