Европското ракометно првенство во Хрватска ќе почне за точно 50 дена, а во Македонија сѐ уште не е вжештена темата за билети. А треба и тоа како, бидејќи билети за нашите три натпревари од фазата по групи (13, 15 и 17 јануари), речиси, нема во редовната, онлајн-продажба.

 

Го отворивме официјалниот вебсајт за продажба на билетите и имаше што да видиме. Од 15.200 седишта во „Загрепска арена“, за првиот натпревар на Македонија, против Словенија, достапни за продажба се - 87 билети!

Се разбира, сите 15.113 не се распродадени до финалниот користник - навивачот - туку мнозинството се купени од бројни туристички агенции. Тоа не е само наша претпоставка, туку очигледен факт, бидејќи туристичките агенции од Македонија веќе нудат аранжмани за Хрватска во јануари. Меѓутоа, она што тие го нудат, речиси, редовно е престој за комплетниот настап на нашата репрезентација со (најчесто) четири ноќевања. На обичниот навивач одземена му е можноста да оди и да гледа единечен натпревар, ако не сака или не може сите три.

Тоа ќе беше поедноставно ако имаше останато нешто повеќе од онлајн-билетите, без разлика што нивната цена може да биде проблематична за многу Македонци. Најевтините, во највисокиот „прстен“ на трибините чине(а) 150 куни, односно 1.200 денари и такви веќе нема. Останат е безначаен број од втората категорија, од 200 куни, односно 1.600 денари, а грото се од по 400 куни, односно 3.200 денари.

Покрај оние 87 останати за Македонија - Словенија, има 110 за дуелот со Црна Гора, на 15 јануари и 200 за соочувањето со Германија на 17, но сите по цена од 400 куни. Треба да се напомене дека сите билети, во секој од четирите града домаќини се продаваат „блок“, односно за двата меча во тој натпреварувачки ден.

Значи, повторно се враќаме на агенциите како единствена опција за следење на првенството и тоа, сакале или не, комплетната групна фаза. Најевтината понуда, која пружа пат, сместување во Загреб (од тие што ги најдовме) чини 210 евра, меѓутоа без вклучени билети! Иако морате да сте во Хрватска пет дена, не мора да одите на сите натпревари(?!), а ако веќе сакате да купите дневен, блок билет ќе ве чини 30 евра.

Постојат и аранжмани со вклучени билети, покрај останативе редовни акомодации и кои чинат од 270 до 300 евра.