Македонија сигурно нема да игра во Берлин: Третиот шешир е наш во ждрепката!

Не се познати сите учесници на Светското ракометно првенство во Германија и во Данска идниот јануари, но има доволно репрезентации за да се формира распоредот на екипите за ждрепката на 25 јуни, односно да се одредат т.н. шешири. Македонија ќе биде влечена од третиот, заедно со Германија, Катар и со Австрија.

Едно е сигурно, на СП во јануари ракометарите нема да играат во Берлин. Причина за тоа е фактот дека домаќините Данска и Германија имаат привилегија да си го одберат својот град, а бидејќи Македонија е во ист „шешир“ со Германците, Берлин ќе им припадне ним.

Од најопасните можни противници ги имаме Франција, Шпанија, Шведска и Данска, а од вториот шешир доаѓаат две изненадувања, Русија и Унгарија. Тоа е така бидејќи ги елиминираа Чешка, односно Словенија и ги зедоа нивните позиции.

Германија, Австрија и Катар сигурно не може да и се паднат, а од „шеширите“ под нашиот, може да добиеме само еден европски противник, Србија или Исланд. Точните екипи таму уште не се одредени, затоа што уште не се познати сите патници од Северна и Јужна Америка. Нив ќе ги одреди Панамериканското првенство, кое ќе почне утре и ќе трае до 24 јуни.

Покрај Берлин, останатите можни градови домаќини се Минхен, Копенхаген и Херинг, кој автоматски ја носи Данска како носител. Ќе се формираат четири групи со по шест екипи, а првите три продолжуваат во втората групна фаза, во две групи со по шест репрезентации. Ждрепката ќе биде влечена на 25 јуни. Распоредов на „шеширите“ се прави врз основа на пласманот на претходното СП, но и на последните континентални првенства.

 

ШЕШИР 1: Франција, Шпанија, Шведска, Данска

ШЕШИР 2: Хрватска, Русија, Норвешка, Унгарија

ШЕШИР 3: Катар, Германија, Австрија, МАКЕДОНИЈА

ШЕШИР 4: Исланд, Србија, Тунис, Панамерика 1

ШЕШИР 5: Египет, Бахреин, Панамерика 2, С. Арабија

ШЕШИР 6: Панамерика 3, Ј. Кореја, Ангола, Јапонија