„Ако судиите повторно дозволат тепање, лесно ќе загубиме од Русија“

Вчерашниот пораз од Словенија (21-31), селекторот Данило Брестовац, делумно, го припишува и на судиските критериуми на шпанските арбитри Гарсија и Марин.

Тој посочи дека имаше многу груба игра од Словенците која не беше санкционирана и обратно, престроги судиски казни за нашите ракометари. Со оглед дека Русите и Белорусите, со кои играме следно се исто така физички надмоќни, Брестовац вели дека епилогот од тие натпревари ќе зависи и од судискиот критериум.

„Гледајќи го отпосле натпреварот со Словенија вчера, не ми се допаднаа некои судиски одлуки. На двете страни не се гледаше подеднакво, на пример на играта на пивотмените. А ние сме потпрени на нашите пивоти и доста играме преку нив. Во многу случаи ни беше отежнато, бидејќи судиите не судеа. Така беше со Шведска¸ а особено вчера. И момците забележаа, се вртат некои клипчиња на интернет, на пример крилата стојат во аут, па ни даваат голови. Талески не турка, добива две минути при 5-4. А Благотиншек и Габер маваат на Столе и на Жаре, нема ни жолт. Дали нè гледаат малку помлада екипа, па немаше некој изедначен критериум. Мора да го сфатиме тоа и самите играчи се свесни дека ќе нè тепаат и Русите и Белорусите, мора да го прифатиме тој факт дека се физички посилни. Пак ќе речам, ќе зависи кои судии се и каков критериум ќе наметнат. Ако им дозволат да нè тепаат, ќе загубиме многу лесно. Ако нè заштитат во тие некои дуели, тогаш би бил среќен и се надевам на позитивен резултат. Имаме време да се подготвиме, ќе правиме повеќе ротации, помалку минути поминати на терен по човек, но секој да сфати дека тие минути кои ќе ги помине на терен, мора да се одработат во некој оптимум“, сподели Брестовц.

И Горан Крстевски се согласи дека арбитрите решаваат во каква насока ќе замине мечот.  

„Секако дека ќе зависи од судењето, зависи каква ќе биде борбеноста и колку судиите ќе дозволат да нè истепаат и колку ќе дозволат ние да тепаме“, прокоментира средниот бек.