Вардар пушти билети за стоење, зашто за седење остана само уште - еден! (ФОТО)

Вардар го организира последниот свој натпревар од Лигата на шампионите за оваа сезона, кој ќе се одигра на 1 декември, против Веспрем и, по правило кога доаѓа противник со такво име, пушти во продажба и дополителна понуда со билети за стоење.

Од денеска во продажба се билети за стоење, во просторот над нумерираните седишта, а нивната цена е по 150 денари. Во времето кога е објавен овој текст, на онлајн-сервисот ticketplus.mk достапни за купување беа нешто повеќе од 650 билети за стоење, но окото ни застана на еден друг интересен податок.

Раководството на РК Вардар, обично, ги пушта во продажба овие билети кога се потрошени оние за седење, но овој пат имаше останато уште - еден. Се разбира, може да станува збор и за неажуриран податок, а можно е и навистина сите купувачи досега да го заобиколувале ова седиште во блокот 9, веднаш до позицијата Комити, но веруваме дека и тоа ќе биде полно на 1 декември, во 17 часот.

Скопската публика покажа дека кога доаѓа ривал од калибарот на Кјелце, Кил, Веспрем (Барселона, Рајн-Некар минатата сезона), тогаш билет за Вардар претставува скапоцено парче хартија. Тоа не е случај и за дуелите со Порто и Мешков Брест оваа сезона, кога имаше предели од трибините, особено зад головите, кои беа празни.