Вардар ја пријави за ЛШ најголемата голманска надеж во Македонија (ФОТО)

Вардар го искористи рокот за дополнително пријавување играчи во Лигата на шампионите за да го дополни тимот со најголемата надеж меѓу голманите во Македонија.

За остатокот од сезоната во Лигата на шампионите Вардар го пријави Марко Кизиќ. Станува збор за 16-годишен голман од школата на црвено-црните, кој е огромен потенцијал.

Тој беше дел од репрезентацијата до 17 години, предводена од Данило Брестовац, која последниов викенд гостуваше во Полска на подготвителен турнир. Кизиќ уште сега е корпулентен за својата генерација, со широк распон на рацете, но и добар рефлекс. Има и повозрасен брат, Никола Кизиќ, кој е младински репрезентативец.

„Малиот Кизиќ е многу голем талент, се гледа уште сега дека го има чувството и ако работи како што треба ќе биде голман. Тој ќе биде македонскиот Ландин“, во шега, но истовремено сериозен коментира за него и тренерот на репрезентативните голмани, Александар Царчев.

Според правилата на ЕХФ, во ноември е вториот „прозорец“ за пријавување на нови играчи, па сега Вардар има четворица голмани со Штербик, Милиќ, Ѓорѓески и младиот Марко Кизиќ.