Вардар го доживеа вториот пораз сезонава во Лигата на шампионите и првиот на домашен терен од Барселона со 26-30 во 7.коло. Со оваа победа „каталонците“ осамнаа на врвот на табелата во групата А со 12 бодови, додека Вардар останува со 10, колку што имаат и Рајн Некар и Кјелце.

Вардар го одигра очајно првото полувреме, можеби најслабо во изминатите неколку сезони. По седум минути игра беше 5-1 за гостите, но нашиот шампион успеа да се консолидира по тајм-аутот на Парондо и да намали на 4-5. До 15-тата минута Вардар имаше негатива од само еден гол, но особено критична беше втората половина од првиот дел. До паузата нашиот тим постигна само три гола, а тоа и дозволи на Барселона да поведе и со највисоки 7-13. На паузата резултатот гласеше 9-13 благодарение на двата гола на Мораеш и Кристопанс.

Барселона продолжи со исто темпо на стартот на вториот дел и со серија од 3-1 се врати на +6. Оваа предност гостинот ја одржуваше во најголем дел од второто полувреме, а дојде и до највисоките седум голови предност (17-24). Вардар продолжи со грешките во нападот и никако не можеше да и се приближи на Барселона. Нивото на играта на гостите не се намали во ниту еден момент од натпреварот и заслужено дојде до триумф во Скопје од 26-30.

Тимур Дибиров беше најефикасен кај Вардар со шест голови, додека Даинис Кристопанс постигна пет. Голманот Дејна Милосављев имаше осум интервенции. Дика Мем со осум голови беше предводник на Барселона. 

Вардар ќе има шанса за реванш против Барселона веќе следната недела, бидејќи гостува во Каталонија во рамки на 8.коло.