Стоилов: Ние сакаме да победиме кога играме видео-игри, не пак со Барселона!

Ракометарите на Вардар викендов играат еден од најважните натпревари во групната фаза од Лигата на шампионите, против Барселона, во Скопје. Во име на играчите, капитенот Стојанче Стоилов вели дека мотивацијата е до небо.

И Вардар и Барселона влегуваат во седмото коло со по 10 бода, на првите две места во групата, затоа јасно е дека овој меч може да значи многу во расзврската на врвот. Играчите се свесни за тоа и се потпираат на домашната публика за вредни два бода.

„Нѐ очекува натпревар со Барселона, натпревар за прво место во групата. Кога ги извлекоа групите многу од нас мислеа дека Барселона е фаворитот и се уште е така, според мене се и фаворит за освојување на ЛШ. НО тоа не значи ништо, тие знаат дека ги очекува пекол, не им е сеедно што ќе играат тука. Тоа нас не не допира, ќе одиме на победа.“, најави Стоилов.

Во минатото Вардар и Барса одиграле неколку тензични натпревари со тесен резултат и со многу емоции. Стоилов вели дека веќе се доволно искусни за да не им влијае нервозата, но дека мотивацијата им е неизмерна.

„Голем дел од екипата која во минатото ја победи Барселона се тука. Сезонава наспроти сите очекувања нам ни оди добро. И новите ракометари кои дојдоа видоа дека има победнички менталитет. Кај нас во клуб сакаме да победиме кога играме видео-игри, камо ли на натпревар. Мислам дека ќе решава борбеноста, дали ќе дадеме се од нас, а за нервозата, веќе сме со години во ова, нервозата не претставува проблем“, додаде Стоилов.

Натпреварот се игра в недела во 17 часот.