Стоилов: Ние да не не сакаме да играме, ама толку можеме - Веспрем е апсолутен фаворит!

Во лоша здравствена состојба на тимот, Вардар се подготвува за последниот натпревар од Лигата на шампионите за оваа полусезона, дома против Веспрем, в недела од 17 часот. Капитенот Стојанче Стоилов целосно е свесен во каква состојба е тимот и вели дека Унгарците се апсолутен фаворит.

Не мора да се влегува во детали, за да се знае дека европскиот првак не е на нивото од пред шест месеци, кога приреди шоу во „Ланксес арена“. Последните неколку резултати доволно говорат дека Вардар се соочува со криза во својата игра, а причина од прв ред се повредите на неколку важни ракометари. Поради ова, Стоилов недвосмислено се изјасни дека Веспрем е тотален фаворит за победата в недела.

„Последен натпревар од оваа полусезона од ЛШ, тренерот веќе кажа, нема веќе што да зборуваме сите знаете каква е ситуацијата во тимот, ростерот е тој. Нема веќе што да се лажеме, Веспрем е апсолутен фаворит, наше е да се бориме безрезервно“, изјави Стоилов.

И додека во нападот успеваат да ги покријат недостатоците и ако е потребно да импровизираат на грб на индивидуалните квалитети, во одбраната нема камуфлажа. Таму кога протекува - протекува. Меѓутоа, Стоилов се обиде да објасни дека мотивација и желба има, но со овие сили толку се може.

„Играме со тоа што имаме. Тоа не е нормална одбрана што би ја подготвиле обично. Вчера Дисингер имаше операција, сите влечат некаква повреда. Ние да не не сакаме да одиграме добро, да не не сме мотивирани? Тоа е ракометот, тие сме луѓето, даваме максимум од себе. И на голманите не им оди како што треба, не дека ја фрлам вината врз нив, но, едноставно, кога не оди – не оди“, рече Стоилов.

Натпреварот со Веспрем се игра в недела од 17 часот и ќе претставува важна епизода во трката за второ место, па и трето место во групата, со оглед дека Вардар во неа влегува од шестата, со три помалку од второпласираниот Веспрем.