Раул и Криштопанс се враќаат во Скопје, Вардар доби пеколна група!

Вардар ги доби противниците за новата сезона во Лигата на шампионите, а тие се кој од кој потежок. Во стариот дом ќе се вратат Раул Гонзалес и Даинис Криштопанс со ПСЖ, Сташ Скубе со Мешков, Игор Карачиќ со Кјелце, но и македонскиот репрезентативен голман Никола Митревски со Порто.

Вардар, дефинитивно, немаше среќа и ја доби потешката од двете групи, но тоа истовремено значи и поатрактивната. Првпат во последниве години црвено-црните го добија Пари Сен Жермен во групната фаза, што значи Раул Гонзалес првпат ќе се врати во Скопје како противнички тренер. Од вториот шешир го избегнаа Кил, па им дојдоа Кјелце и Порто.

Шампионот на Португалија лани се докажа како тим дораснат за елитата, а оваа година е посилен за македонскиот репрезентативен голман, Никола Митревски. Кјелце, пак, веќе е редовен противник на Вардар, па враќањето во „Јане Сандански“ на Игор Карачиќ и на Алекс Душебаев веќе еднаш го преживеаја црвено-црните навивачи. Меѓутоа, од друга страна, Скопје не му е во најпријатно сеќавање на тренерот, Талант Душебаев.

Поради забраната во една иста група да има два тима од иста држава, ждрепката беше полудиригирана за третиот и четвртиот шешир, па така Вардар автомаски го доби Пик Сегед, зашто претходно Веспрем беше извлечен во групата Б, а на ист начин го избегна Нант со Кире Лазаров. Од третиот шешир противник е и Мешков Брест, за кој сега игра Сташ Скубе, а од последниот Вардар ги доби Елверум и Фленсбург, исто така по автоматизам, бидејќи Кил веќе беше во групата Б.

Што се однесува до системот на натпреварување, повторно седмото и осмото место отпаѓаат, односно првите шест продолжуваат во елиминациската фаза, но сега има една разлика од минатите сезони. Не само првото, туку и првото и второто место го прескокнуваат осминафиналето и одат директно во четвртфиналето, додека останатите екипи вкрстуваат трета против шеста, четврта против петта, накрсно А со Б-група. Натпреварите треба да почнат на 16 и 17 септември, од оваа сезона првпат во среда и четврток, а не за време на викенд.

 

Група А: Вардар, ПСЖ, Кјелце, Порто, Пик Сегед, Мешков Брест, Фленсбург, Елверум.

Група Б: Барселона, Веспрем, Кил, Алборг, Нант, Мотор З., Цеље, ППД Загреб.