Крпен Вардар и во Брест: Се врати Криштопанс, но го нема Дисингер! (ФОТО)

Вардар се консолидира здравствено, колку што можеше, но и во Брест отпатува хендикепиран, слично како на последното гостување, во Кјелце.

Разликата е во тоа што во записникот е Даинис Криштопанс, кој се враќа првпат по повредениот десен скочен зглоб, на СЕХА-дуелот со Војводина, но сега го нема Кристијан Дисингер.

Германскиот лев бек отпатува за Берст, заедно со екипата, но очигледно неговата стара повреда на зглобот уште го мачи, па не е во можност да помогне и затоа не е ни во записникот. И на овој меч Едуард Кокшаров ќе има тројца голмани на располагање, а има и тројца пикери зашто Сергеј Горпишин целосно се врати по повредата.

Во Скопје останаа Сергеј Горбок и Жозе Толедо, првиот скоро повреден, вториот наскоро треба да се врати по летната операција.

Натпреварот Мешков Брест - Вардар почнува во 17.30 часот, а во него европскиот првак влегува од петтата позиција на табелата, со 9 бода, еден помалку од Кјелце и од Веспрем пред него. Мешков е седми, претпоследен, со само два бода.