Кокшаров: Не можам веќе да зборувам за повреди, тие што можат играат 200 на час!

Едуард Кокшаров мака мачи како да стокми тим за в недела, против Веспрем, од 17 часот, во ситуација кога неколку важни играчи не се во тимот. Вели дека Вардар е добар додека не почне да ротира, а тогаш почнуваат да се гледаат недостатоците.

Како рефлексија во огледало од другите прес-конференции, тренерот Кокшаров имаше и право и потреба и оваа да ја почне со тешката состојба на составот, но реши да не се жали и посака да се случи чудо пред домашната публика.

„Имаме доста проблеми со повредите, но нема смисла да зборуваме секогаш за тоа. Оние кои ќе бидат подготвени ќе дадат сè од себе за да оствариме добар резултат. Се надевам дека ќе имаме и голема поддршка од публиката која ќе и даде ветар во грб на ракометарите“, изјави Кокшаров.

Она што боди око е лошата одбрана на Вардар цела сезона, со околу 31 примен гол во просек. Друга причина за поразот не може да се истакне, но Кокшаров се обиде да опише колку е тешко да се крои одбрана без играчи што го тренирале тоа.

„Ние имаме на секоја позиција по еден играч и кога ќе почнеме да правиме некоја ротација - веднаш имаме проблеми. На пример на последните два меча, отпаднаа двајца играчи кои играат во 6-0 одбрана, Дисингер и Криштопанс, така што со ваква формација не можеме да играме 6-0 одбрана. Може да тренираме 5-1 зона, може да измислиме некоја одбрана што има што повеќе прекини и што помалку удари на гол. Не можеме да ставиме во одбрана кои не тренирале никогаш на таа позиција. Нема смисла. Имаме играчи кои играат по 60 минути и даваат сè од себе и некогаш, едноставно, не можеш повеќе. Играш 200 на час и не можеш добро да размислуваш. По натпреварот си велиш ‘зошто ова не го направив или зошто она не го направив’, ама во натпреварот не е исто“, наслика со зборови Русинот.

Вардар има 9 бода во моментов, на шестото место во групата Б, последно кое води во осминафиналето. Веспрем е втор со 12.