Финале број 1 во сезната за Вардар: Барселона доаѓа по првото место!

Спортистите и тренерите секогаш велат дека секој нареден натпревар им е најважен, и на секој нареден треба да се гледа како на финале. Ако вообичаено ова звучи само како клише-фраза, за следниов меч на Вардар ќе мора да стапи на сила. Доаѓа Барселона, во натпревар (17ч.) кој може да направи значајно влијание во борбата за првата позиција.

И Вардар и Барселона имаат по пет победи и по еден пораз во досегашните шест кола од ЛШ. Барса е прва затоа што има подобра гол-разлика, но сигурно доаѓа во Скопје да заработи повидлива предност во однос на Вардар, отколку само тоа. Поразот на Барселона се случи во првото коло, на гости кај Рајн-Некар, па оттогаш Каталонците се движат само нагоре.

Нивната предност е млад тим, кој се креираше во минатите две сезони и покажуваше слабости, во облик на неконстантност. Сега изгледа дека таа мана е анулирана и Барса може да победи секого и сакаде. Ќе ѝ недостасува Камил Сипжак, кого го мачат повреди, но тој и онака нема важен удел во досегашните победи.

Што се однесува до досегашните дуели, Вардар само еднаш ја победил Барселона во Скопје и тоа минатата сезона (27-24), како бранител на европскиот трон. Шпанскиот доминатор победи со 27-25 во групната фаза во 2015 година, а уште пред ерата на Раул Гонзалес, во „Борис Трајковски“ беше скротен на 29-29. На двете соочувања на неутрален терен, Вардар ја доби Барса на пат до тронот, во полуфиналето во Келн (26-25), а набргу потоа загуби во Суперглоуб (29-32).

Тимот на Роберто Парондо е подготвен и комплетен, по повредата на Рожерио и суспнезијата на Борозан. Тренерот на Вардар рече дека напорно се подгтотвуваат за овој дуел и дека само со силно темпо во 60 минути може да се надеваат на победа. Ако во текот на сезоната има неколку натпревари што ја одредуваат нејзината насока, тогаш ова би требало да е еден од нив.

Ако Вардар ја добие Барса ќе стекне предност и привилегија до крајот само да го брани првото место во групата, а не да го брка. Тоа е важно затоа што носи директен пласман во четвртфиналето.