ЕХФ ги отстрани руските и белоруските екипи!

Војната меѓу Украина и Русија полека зема „жртви“ и во светот на спортот, па така ФИФА и УЕФА ги суспендираа сите клубови и репрезентации од натпреварувањата, по што следеше иста реакција од Евролигата, а руските и белоруските тимови нема да играат ниту ракометни натпревари во натпреварувањата под организација на Европската ракометна федерација (ЕХФ).

ЕХФ организираше состанок по препораката на Интернационалниот олимписки комитет (ИОК) да бидат суспендирани сите екипи од Русија и Белорусија.

„Репрезентациите на Русија и Белорусија, како и клубовите кои се натпреваруваат во ЕХФ се суспендирани. Оваа одлука останува на сила до следното соопштение. Судиите од овие држави нема да бидат номинирани за следните натпревари додека не се реши проблемот. Нови организатори ќе бидат избрани за Европското првенство во ракомет на плажа, кое требаше да се одржи во Москва“, соопштија од ЕХФ.

Вчера беше објавено и дека нема да се игра мечот меѓу Мешков Брест и Вардар, кој беше предвиден за 2 март, во рамки на Лигата на шампиони (ЛШ).