Чави Пасквал: Вардар сѐ уште е застрашувачки тим!

Барселона денеска му гостува на Вардар во дербито на 7. коло од ракометната Лига на шампионите, а влогот е, можеби, конечен пласман на првото место. Затоа тренерот Чави Пасквал влегува максимално внимателен во овој дуел, сеќавајќи се на минатата година, но и истакнувајќи ја моментната сила на Вардар.

Чави Пасквал го победи Раул Гонзалес двапати, пред да загуби во најважниот меч, во полуфиналето во Келн во пролетта 2017. Неколку месеци подоцна беше поразен и во Скопје, во натпревар од групната фаза во новата сезона, затоа познато му е како е да се игра во „Јане Сандански“. Тој исто така има почит за тимот кој остана и покрај многуте заминувања.

„И покрај промените во составот, Вардар го задржа високото ниво и се уште има многу важни играчи. Се уште е застрашувачки ривал. А во нивната сала многу е тешко да се освојат бодови“, вели тренерот на Барса.

За шпанските медиуми тој детално потенцира што и кој го заплашува кај Вардар во оваа „нова“ постава, командана од Роберто Парондо. 

„Се бранат цврсто назад, со 6-0 зона, но можат да се променат во 5-1 со Тимур Дибиров напред. Нивните два бека, Криштопанс и Борозан се двајца страшни шутери, а средниот бек, Скубе е специјалист за ‘еден на еден’ и одлично се поврзува со пивотите. Покрај тоа го имате еден Игор Карачиќ, кој поминува незабележан и потоа ќе заврши со постигне многу голови. Тука се и двете крила, Дибиров и Чупиќ, кои се светска класа. Тоа е екипа која беше способна да победи во салата на Веспрем, затоа заслужува почит“, додаде Пасквал.

Вардар и Барселона имаат по 10 бода пред овој дуел и победникот ќе го запоседне врвот. Натпреварот почнува во 17 часот.